јуни 29, 2017

ЏЕФ Дебата – “Europe Talks”

Политичката дебата и аргументираното конфронтирање на претедентите за народниот глас е составен и неопходен дел од демократското уредување на едно општество. Македонија, како нова демократија, се уште се обидува да го воспостави принципот на дебата како правило на политичката сцена.
Проект „ЏЕФ Дебата“ финасирани од Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларијата во Скопје, кој има за цел да поттикне дијалог меѓу индивидуи кои застапуваат различни мислења и ставови, развој на конструктивна дискусија и промоција на аргументирано комуницирање, а во рамки на кој спроведни се неколку активности

Политичка дебата за Локални избори 2013

Последната политичка дебата одржана во Македонија е дебатата помеѓу проф. Љубомир Фрчковски и проф. Ѓорге Иванов во 2009-та, кратко пред одржувањето на тогашните претседателски избори. Самиот факт дека има поминато 4 години од одржувањето на последното јавно конфронтирање на политичарите е зачудувачки факт за сите стари и развиени демократски системи во светот.
На 13.03.2013, Младите Европски Федералисти (ЏЕФ) на Македонија организираа политичка дебата помеѓу кандидатите за градоначалник на општина Куманово. На дебатата присуствуваа г-дин Виктор Цветковски, г-дин Зоран Ѓеорѓиевски, г-дин Зоран Дамјановски и г-дин Фатри Салиу.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Политиката наспроти партијата: Што ни е потребно за ЕУ?

Во рамките на активностите за месец на Европа, Младите Европски Федералисти на Македонија (ЏЕФ – Македонија) во партнерство со Фондацијата Фридрих Еберт на 15 Мај 2014 (четврток), во просториите на ГЕМ Клубот (Менада) во Старата скопска чаршија организираа дебата на тема: “Политиката наспроти партијата: Што ни е потребно за ЕУ?“.
Панелисти на оваа дебата беа: проф. д-р Билјана Ванковска, доцент д-р Ненад Марковиќ, м-р Емил Атанасовски и м-р Ивица Боцевски.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Македонија (не) може да има жена претседател

Жените ги имаат сите права, како и мажите, загарантирани со Уставот и законите. Сепак, во државничката историја на Македонија, не постои пример на претседателка или премиерка. Во време кога Данска и Германија се предводени од жени, а соседна Србија има претседателка на Собранието, македонските жени изгледаат „отсутни“ од највисоките политички функции. Кој е виновен? Жените, мажите, гласачите, партиите или политиката? Зошто Македонија заостанува зад Европскиот тренд? Дали квотите ја подобруваат ситуацијата дологорочно или не? Кого да охрабриме: жените да се изборат за повисоките позиции или мажите да го прифатат потенцијалот на жените – лидерки?

На 28.05.2014 во Кино Фросина се оддржа оваа дебата каде што над 200 присутни имаа можност да дискутираат дали Македонија (не)може да има жена за претседател. Говорници беа: Г-ѓа Љиљана Поповска, Г-ѓа Слаѓана Тасева и Г-ѓа Каролина Ристова – Астеруд.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

„Кадија те тужи, кадија те суди“

Дебатата беше организирана на 18.03.2015г. во МКЦ Клуб Ресторан. Говорници на дебатата беа Мирослав Вујиќ, Малинка Јорданова и Томислав Кежаровски. Тема на дебатата беше состојбата со судството и ЕУ регулативите во компарација на Македонската регуалтива, а на која присуствуваа 45 учесници. На настанот говорниците ги елаборираа своите тези за независноста на суството во Република Македонија. Компаративно беа обработени и состојбите со судството преку европската легислатива и бенчмарк системот и извештаите кои ЕУ ги има објавено во однос на судството во Република Македонија. Настанот продолжи со едночасовна дискусија со присутната публика.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

„Колку малку е премногу? Каква даночна политика генерира повеќе правда?“

ЏЕФ Дебата како дел од активностите за Месецот на Европа, овој пат ви ја доближи контроверзната и актуелна тема за даноците, социјалната правда, особено фокусирајќи се на Законот за хонорари. На наше особено задоволство, на темата говореа: Проф. Ванчо Узунов – професор на Правниот факултет „Јустинијан I“ – Скопје и економски експерт; Бојан Богевски – ко-основач на либертаријанскиот клуб Атлас; Јасмина Голубовска – Платформа за граѓанска политика „Ајде/Hajde“; и Бранимир Јовановиќ – економски истражувач Панелистите ги аргументираа своите различни тези во врска со актуелната состојба со Законот за хонорари, неговата реалната примена, можните последици, европските решенија со позитивна пракса и начини како би се имплементирале во РМ со цел приближување на Македонија кон ЕУ. Сите оние кои што не беа во можност да ја следат дебатата, истата можат да ја погледнат во целост на слетниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=8mG5vk7JybI
На дебатата беа присутни околу 200 луѓе на отворен простор во кампот, членови на младински организации, политички партии и подмладоци, засегнати граѓани и новинари. Настанот траеше два часа од кои 1 час беше посветен на дискусија со публиката.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Буџетска транспарентност во Република Македонија – како до отворен и транспарентен буџет?

Дебатата беше оддржана на 25.11.2015г, со почеток во 18:00 часот, во просториите на ГЕМ клубот. Говорници на дебатата беа Трајко Славески, Константин Битраков, Борче Тренкоски, Владанбка Авировиќ и Јани Макрадули. Целта на дебатата беше да се дискутира процесот на програмирање, донесување и трошење на буџетот на Република Македонија, односно отвореноста и транспарентноста на овој буџетски циклус, како и за можностите за вклучување на граѓаните и другите заинтересирани страни во различни аспекти на истиот. Се дискутираа и можностите за информирање на граѓаните за прашања поврзани со буџетот, како и практиките за буџетска транспарентност во другите земји од регионот и Европа. На дебатата имаше 50 присутни претставници на младински организации и новинари. Настанот траеше 2 часа и 30 минути од кои еден час беше посветен на излагање на тезите на говорниците додека час и половина публиката поставуваше прашања од кои се разви дискусија.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Каков закон за медиуми и е потребен на Република Македонија?

“Во период кога се преговара како ќе изгледа законот за медиуми во Република Македонија, #ЏЕФдебата ја отвара дискусијата за јавноста низ прашањето: “Каков закон за медиуми и е потребен на Република Македонија?“
Дали донесување на ваков закон ќе придонесе кон подобрување на состојбата со слободата на медиумите во државата, каква треба да е улогата на јавниот радиодифузен сервис, како новиот закон би влијаел на работата на новинарите, како се регулирани медиумите во Европската унија бea само дел од прашањата и темите кои што bea дискутирани за време на оваа #ЏЕФдебата.“

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Fortress Europe: Човечките животи пред ѕидините на западната демократија

Во период кога Македонија се соочува со политичка криза, а Европа се соочува со најголемата бегалска криза по Втората Светска војна, #ЏЕФдебата ја отвара дискусијата за јавноста “Fortress Europe: Човечките животи пред ѕидините на западната демократија“ со следните говорници:
Жарко Хаџи-Зафиров – член на Управен одбор на Институт за човекови права, Адвокат од Адвокатското друштво Бона Фиде;
Мерсиха Смаиловиќ – Легис;
Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи;
Сузана Салиу – Директор на Центарот за управување со кризи; и
Владимир Бислимовски – Ла Страда.

Македонија е последната земја која им се приклучи на европските земји во кревање на ѕидините на западната демократија. Кои се предизвиците и проблемите со кои Македонија се соочува во однос на бегалската криза? Како институциите и граѓанскиот сектор се справуваат со актуелната состојба на јужната граница по донесувањето на одлуката за затворање на границите на неколку земји-членки на Европска Унија? Кои се политиките и решенијата на Европската Унија за проблемот? Што треба да се направи за да се обезбеди безбеден и сигурен транзит на бегалците низ Балканската рута и низ Македонија, како и да се заштитат основните човекови права кои се почесто се занемаруваат во процесот на донесување одлуки на Европско ниво? Ова се само дел од прашањата кои што беа дискутирани за време на оваа #ЏЕФдебата.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Occupy all streets: Кога институциите ќе стивнат

Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија) во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт – Македонија, неколку години наназад организира серија на дебати наречени “Europe Talks” на различни општествени теми за кои што сметаме дека се важни за развојот на демократијата и за процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија.
На 22 мај (недела), со почеток во 17:00 часот, во просториите на МКЦ Клуб Ресторан се одржа дебата на тема: „Occupy all streets: Кога институциите ќе стивнат“.

На темата говореа:
– Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика
– Симона Спировска, граѓански активист од Шарената револуција и Протестирам
– Александар Пандов, претставник од ГДОМ
– Биљал Касами, претставник од БЕСА
– Џелал Хоџиќ, граѓански активист кој ги проследи повеќето од јавните собири.

Целта на дебатата е да се адресираат вон-институционалните механизми за справување со политичката криза во Македонија, со осврт на протестите организирани од различни групи на граѓани. Секој панелист ќе ги елаборира своите тези во врска со процесот на справување со кризата, надвор од институциите.

*Повеќе фотографии од Дебатата можете да погледнете тука.

Европа под притисок: Стеснување на граѓанскиот простор и како истиот се врати на граѓаните

Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија), во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларијата во Скопје, и Млади Европски Федералисти – Европа (ЏЕФ Европа), со задоволство Ве покануваат да присуствувате на панел дискусијата имплементирана во рамки на пан-европската кампања #OurEurope2017: „Европа под притисок: Стеснување на граѓанскиот простор и како истиот се врати на граѓаните”.

На темата говореа:
– Тања Хафнер-Адеми, Експерт за развој на граѓанско општество;
– Kристофер Глук, Претседател на ЏЕФ Европа; и
– Сања Богатиновска, Претседателка на ЏЕФ Македонија.

Панелистите ги аргументираат своите тези во врска со важноста на граѓанското општество и граѓанскиот простор во демократиите, особено во контекст на притисоците кон стеснување на просторот за делување на граѓанските организации, не само во Македонија, туку и во регионот. Темата ќе се дискутира и од призма на Европските искуства, а дополнително ќе бидат адресирани и предлози и позитивни практики во однос на (ре)воспоставување на граѓанскиот простор.


Образовниот систем на Македонија, промотер на интеретничка толеранција или дадилка на национализам

Јавната дебата го разработува влијанието врз социјализацијата на младите помеѓу формалното и неформалното образование и тоа во колкава мера кој тип потикнува или сузбива, прокламира, промовира национализам, (не)конфликтен говор, говор на омраза и соживот. Во моментов имаме атмосфера на зголемена нетолеранција и конфликтен говор , целта е да се дебатираат причините за оваа тенденција и како и дали образованието создава толеранција кај младите. Исто така и етнички поделените смени во средните училишта во Скопје, Струга и Тетово и други дали создаваат поделено општество или млади кои соработуваат без разлика на национална, верска , јазична и друга припадност.

Влез во Собрание, излез од криза, влез во ЕУ

Каде се движи Македонија по добивање на кандидатскиот статус? Дали сме денеска поблиску до полноправно членство ? Кои се причините ? Како Македонија се движеше на патот до ЕУ? Јавна дебата на која ќе говориме за развитокот на Македонија кон Европската Унија, како влијае општествено-политичката криза, за будењето на граѓанското движење, за градење на мултиетничко општество, за поделбите во македонското општество, за сите подеми и падови на граѓаните со кои се приближуваме до членство. Дали сме денеска поблиску до ЕУ или сепак остануваме заковани на дното не европските перспективи.

Градоначалничка #ЏЕФдебата

– Куманово

– Тетово